Амбасада на Република Северна Македонија во Белгија

Најнови вести

Османи на средба со групата „Пријатели на Северна Македонија“ во ЕП

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Брисел учествуваше на средба со Групата „Пријатели на Република Северна Македонија" во Европскиот Парламент. Османи за време на средбата  се осврне на актуелниот момент во односите меѓу Европската Унија и Република Северна Македонија и изрази благодарност за поддршката и конструктивниот пристап на Европскиот парламент во процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија, рефлектирана преку бројните иницијативи, како и во резолуциите за нашата земја. Групата „Пријатели на Република Северна Македонија“ е неформална група составена од пратеници во ЕП од различна политичка провиниенција, која е замислена како своевиден форум на обезбедување поддршка на Република Северна Македонија во нејзините европски аспирации и цврста потпора на нашиот европски пат. Претседател на оваа група е европратеничката од Словенија, Ирена Јовева.

 

Брисел, 21 март 2022 година

Османи на АФЕТ во ЕП: На регионот му треба валоризација на успешната приказна на Северна Македонија

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Брисел зборуваше пред членовите на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент (AFET), на чија агенда беше европското досие на Северна Македонија. На денешниот состанок, Османи пред членовите на Комисијата елаборираше за актуелностите во Република Северна Македонија, за регионалните предизвици, дијалогот со Република Бугарија и напорите да се постигне заемно прифатливо решение, но секако и за случувањата во Украина и поширокиот контекст на односи што тие случувања ги предизвикаа. „Како што покажа историјата на европската интеграција, за Европската унија дополнително да ја зајакне својата стратешка глобална улога, треба уште еднаш да го преземе своето стратешко лидерство во политиката на проширување со Западен Балкан. Руската агресија покажува, на најтрагичен начин, колку е важно проширувањето на ЕУ и вградувањето на земјите од Западен Балкан за безбедноста, единството и демократската трансформација на континентот. Ние не бараме незаслужени награди, но би сакале нашата успешна приказна да биде валоризирана, особено во време кога на регионот, но и пошироко му требаат такви примери“, истакна Османи во обраќањето пред членовите на Комисијата за надворешни работи во ЕП. За време на дискусијата, европратениците изразија поддршка за евроинтегративните процеси на Северна Македонија, беше потенцирано дека земјата се покажа како одговорен член на меѓународната заедница во придружувањето на осудата на воената агресија врз Украина, како и дека Западниот Балкан останува во врвот на стратешките приоритети на ЕУ и дека Европскиот парламент, преку своите механизми, ќе сѐ обидува да ја истакнува ваквата потреба. Османи во ЕП имаше одвоени средби и со евро-пратениците; Илхан Ќучук,  ивестител на Европарламентот за земјава; Михаел Галер, координаторот на ЕПП во Комисијата за надворешни работи (АФЕТ); Тонино Пицула, координаторот на социјалистите во АФЕТ, како и со Дејвид МекАлистер, претседавач на АФЕТ и член на ЕПП. Исто така, посетата на Европскиот парламент беше одлична можност, Османи да има средба и со „Пријателите на Северна Македонија“ во Европскиот парламент, група која е составена од наши поддржувачи во ЕП и кои доаѓаат од различни парламентарни групи во ЕП.  

Брисел, 21 март 2022 година

Османи во Брисел на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, утрово учествуваше на работен појадок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската унија што се организираше под покровителство на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендијас. Работниот појадок беше посветен на европското досие на Северна Македонија, а се одржа на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ. Исто така, на средбата беа присутни и Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на ЕК, Жозеп Борељ и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи. „Оваа средба коинцидира со војната во Украина и случувањата од последните недели го сменија контекстот на нашите разговори, но и на геополитичките и стратешките приоритети на европскиот континент. Нашиот дијалог добива пресвртница во однос на итноста од носење на одлуки што ќе ја детерминираат европската иднина на Северна Македонија во ЕУ, но и на целиот Западен Балкан“, истакна Османи. Во овој контекст, Османи додаде дека Северна Македонија како кредибилна земја-кандидат, 100% се усогласи со санкциите на ЕУ кон Русија, но и понуди хуманитарна помош и ги отвори вратите за засолниште на сите што бегаат од страшната војна во Украина. На појадокот, министрите изразија силна поддршка за лидерството во Северна Македонија, кое недвосмислено и посветено работи на исполнување на европската реформска агенда и на добрососедските односи со што земјата е препознаена како веродостоен партнер, која ги почитува европските правила, стандарди и вредности. „Унијата покажа дека знае да се обедини во историски времиња, да ги донесе вистинските одлуки, да изгради консензус, а ние покажавме дека стопроцентно стоиме зад овие одлуки“, заклучи Османи. Во дискусијата преовладуваше мислењето дека одлуката за  одржување на првите меѓу-владини конференции и отпочнувањето на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија, за време на француското претседателство со ЕУ би била правилна и правична работа со многу позитивни ефекти за целиот регион. Оваа средба беше одлична можност Османи да се сретне и да размени мислења со повеќето шефови на дипломатии од земјите членки на Унијата, а имаше и одвоена билатерална средба и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи. Во текот на денот предвидено е негово обраќање на АФЕТ во Европскиот парламент, средби со повеќе европратеници, со групата „Пријатели на Северна Македонија“ и со неколку високи претставници во институциите на ЕУ.

Брисел, 21 март 2022 година

Туристички дестинации

Кањон Матка, Скопје

Крушево

Широк Сокак, Битола